Кина: Нема преживеани во авионската несреќа


Не се пронајдени преживеани по авионската несреќа на кинеската авиокомпанија „China Eastern Airlines“ во која имаше 132 лица, а потрагата продолжи и денеска.
Во извештајот на кинеската државна телевизија CCTV се наведува дека меѓу остатоците од авионот кои биле пронајдени на местото на несреќата, досега не е пронајдено лице кое било во него, пренесува АП.
Новинската агенција Ксинхуа објави дека авионот создал голема дупка во планинската област каде што се урнал. Агенцијата додава дека црната кутија ќе се бара и со беспилотни летала.
Авион со 132 патници и член на екипажот кој летал од градот Кунминг во западната провинција Јунан кон индустрискиот центар Гуангжу на источниот брег на земјата се урна вчера во близина на градот Вужоу.
Не се знае причината за падот на шестгодишниот авион.
Последната фатална авионска несреќа во Кина е забележана во 2010 година, кога 44 лица од 96 кои биле во авионот загинале во авионска несреќа при слетување на аеродромот Јичун поради слаба видливост.
