Свет

Русија се повлече од мировните преговори со Јапонија

Русија се повлече од мировните преговори со Јапонија и ги замрзна економските проекти околу спорните Курилски острови поради санкциите што ѝ ги воведе Токио поради Украина.

Ова предизвика лута реакција од Јапонија.

Русија и Јапонија сè уште официјално не ги завршиле непријателствата од Втората светска војна поради конфликтите околу островите познати во Русија како Курилски острови. Островите беа окупирани од Советите на крајот на Втората светска војна.

„Во сегашните услови, Русија нема намера да ги продолжи преговорите со Јапонија за мировен договор“, соопшти руското Министерство за надворешни работи, наведувајќи ги „отворено непријателските ставови“ на Јапонија.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека силно се противи на одлуката на Русија, нарекувајќи ја „неправедна“ и „целосно неприфатлива“.

Минатата недела Јапонија ги објави плановите за укинување на трговскиот статус на Русија како најомилена нација, проширување на замрзнувањето на средствата на руската елита и забрана за увоз на одредени производи.

Минатата година претседателот Владимир Путин рече дека и Токио и Москва сакаат добри односи и дека е апсурдно што не постигнале мировен договор.

Русија, исто така, се повлече од преговорите со Јапонија за заеднички деловни проекти на Курилските острови и го укина безвизниот режим на патување за јапонските граѓани, се вели во соопштението.

На почеток