Свет

Зеленски: Мариупол се претвори во пепел, но градот ќе преживее

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање објавено во понеделникот вечерта рече дека украинскиот пристанишен град Мариупол е претворен во пепел поради „руската воена агресија“, но додаде дека градот ќе „преживее“.

Мариупол, дом на околу 450.000 луѓе пред војната, и е под речиси постојан напад на руските сили од почетокот на март. Степенот на штетата најдобро го покажуваат сателитски снимки на кои се гледаат уништените станбени блокови, пренесува „Би-би-си“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џузепе Борел во понеделникот рече дека „она што се случува во Мариупол е големо воено злосторство“.

Во своето обраќање, Зеленски повторно ги повика Украинците „да направат се што можат за да ја одбранат нашата земја, да го спасат нашиот народ. Откако започна руската инвазија на Украина кон крајот на февруари, гледаме се повеќе и повеќе украински херои. Некогаш обични Украинци, сега вистински борци “, рече тој.

Украинскиот лидер исто така рече дека обичните граѓани на Украина се издигнале до тој степен што „Русија не верува дека тоа е реално“ и додаде: „Ќе ја натераме Русија да верува“. „Борете се, продолжете да се борите и помогнете“, ги повика тој Украинците.

Зеленски денеска ги поздрави демонстрантите кои се собраа во окупираниот град Херсон за нивната храброст да се спротивстават на руските војници кои пукаа за да ги растераат.

Руските војници употребија шок бомби и пукаа во воздух за да ги растераат демонстрантите во Керсон во јужна Украина, објави АП.

На почеток