„ Кардиолошкиот Завод “ од Охрид, по повод Светскиот ден на срцето, што годинава се одбележува под мотото “МОЕТО СРЦЕ… ТВОЕТО СРЦЕ…”, вечерва беше осветлен во црвено. На овој начин медицинскиот тим на установата испрати порака за подигање на свеста за подобра грижа за здравјето на срцето, дотолку повеќе што кардиоваскуларните заболувања и натаму се причина број еден за смртност кај нас и во светот.
„ Светската Здравствена Организација годинава излезе со број од 17,5 милиони смртни случаи кои настанале како последица на кардиоваскуларни заболувања, па затоа пораката која годинава е всушност прашање е што можеме секој од нас како поединец да направи и сите ние што можеме да направиме во превенција на срцевите заболувања и здравјето ? Одговорот ќе го најдеме преку лична едукација на пациентите и населението за препознавање на симптомите и начинот на живот кој не создава ризици по здравјето на срцето “ – рече Елена Коваческа Башуроска, директорка на болницата.
Лекарскиот тим на пациентите им делеше брошури и совети кои се однесуваат на сите аспекти на превенција на срцевите заболувања.
„ Кардиолошкиот Завод од Охрид е институција која организира континуирана едукација на пациентите за да се подигне свеста за кардиоваскуларните заболува, а со тоа да се подигне и нивото на грижа за здравјето. Што се однесува до лекарскиот тим, на нас останува да ги следиме светските трендови во кардиоваскуларната медицина и да ги воведуваме новите постапки и процедури тука кај нас “ – рече Никола Бакрачески, раководител на оддел за интервентна кардиологија.
Кампањата „ Кардиолошкиот Завод “ Охрид, ја реализира во соработка со „Алкалоид“.
Активностите по повод „Светскиот ден на срцето“ ќе завршат со хуманитарен настан од кој средствата ќе се наменат за деца со здравствени проблеми од семејства кои се под социјален ризик.