Си-Ен-Ен: Во Украина се трупаат тела на руски војници, се чувствува мирис на смрт
Првите топли, во сончеви пролетни денови се наѕираа над украинскиот регион Миколаев, укажувајќи на мрачната реалност: мирисот на мртвите тела.
Како што се зголемуваат температурите и се топи мразот, телата на руските војници расфрлани низ пејзажот стануваат проблем. Во своето видео обраќање во саботата, Виталиј Ким, гувернерот на регионот, ги повика локалните жители да помогнат во собирањето на телата.
„Ние не сме ѕверови, нели?“, им рече тој на граѓаните.
This photo – of a dead Russian soldier covered in snow in the Ukraine – is from Tyler Hicks of the @nytimes. And it'll probably win a Pulitzer. pic.twitter.com/wwCJwEgydp
— Sean Collins-Smith (@SeanTwoNames) February 25, 2022
„Има стотици такви“
Миколаев беше меѓу првите градови во истоимената област што беше нападнат од руската армија откако рускиот претседател Владимир Путин започна инвазија на Украина на 24 февруари. Украинската армија го одби нападот, но битката за градот се уште трае и прашање е колку долго украинските сили ќе можат да го бранат.
Ким рече дека Русите се повлекле и ги оставиле поцрнетите тела на нивните војници на бојното поле. Тој испрати слики на Си-Ен-Ен од нивните расфрлани трупови и рече дека „ги има стотици низ целиот регион“.
Гувернерот повика телата на војниците да се стават во фрижидери и да се вратат во Русија за да може да се изврши идентификација на ДНК. Имено, еден месец по почетокот на војната, се уште не се знае дали телата на руските војници се враќаат, во која мера и на кој начин.
Русите молчат за бројот на загинати
Самата Москва молчи за бројот на загинатите, а на своите граѓани им служи пропаганден материјал и ги спречува да пристапат до западните медиуми. Така, сè уште не се знае точно колку руски војници се убиени во Украина. Москва само еднаш објави официјален извештај за бројките, во кој се наведува дека загинале 498 војници и оттогаш не го коментирала ова прашање.
Рускиот таблоид Комсомолскаја Правда во понеделникот објави извештај во кој се наведува дека досега се убиени 9.861 лице. Но, тој подоцна ја повлече објавата и рече дека се работи за лажна информација, дека бил хакиран.
Дмитриј Песков во вторникот за Си-Ен-Ен коментираше: „Што се однесува до бројките, од самиот почеток се согласивме дека нема да ги откриваме тие информации“.
Но, цифрата на рускиот таблоид се совпаѓа со неодамнешната проценка на официјални претставници на НАТО кои велат дека меѓу 3.000 и 10.000 руски војници биле убиени во Украина. Украинските власти тврдат дека бројката е уште поголема, односно дека загинале повеќе од 15.000.
Мобилни крематориуми
Една од моќните слики од почетокот на војната беше онаа на загинат руски војник чие тело беше покриено со свежо паднат снег. Сцената, фотографирана од новинарот на Њујорк Тајмс, Тајлер Хикс, добро ја илустрира анонимноста на повеќе од 150.000 Руси испратени да се борат со своите соседи и очајот што го чувствуваат нивните семејства бидејќи немаат информации за судбината на војниците.
Украинската влада тврди дека руската армија има мобилни крематориуми во кои ги пали своите мртви.
„Никој не ги брои руските луѓе кои умираат овде. Дали знаете дека испратија мобилни крематориуми? Тие нема да им ги покажуваат телата на загинатите војници на нивните семејства. Нема да им кажат на мајките дека нивните деца умреле тука“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на 3 март.
Истиот ден, државната Украинска железница објави дека на украинските вооружени сили им обезбедила 20 фрижидери за транспорт на загинатите руски војници од неколку области, вклучително и Одеса.
„Русите не сакаат да преземаат тела“
Украинската влада вели дека сè уште го чека барањето од руските власти за враќање на телата на загинатите. Вицепремиерот рече дека прашањето за собирање и идентификација на телата во четвртокот го разговарале премиерот Денис Шмихал и претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Петер Маурер. Но, МКЦК сè уште не потврди дали и помага на Украина да ги врати телата на руските војници, како што налага меѓународното право.
Министерството за внатрешни работи на Украина редовно објавува фотографии или други информации, како лични карти, мртви и заробени руски војници. Но, идентификувањето на мртвите не е секогаш лесна задача.
„Многу е тешко да се идентификуваат мртвите бидејќи обично нема документи на нив. Командантите често знаат да ги земат и да ги стават во кутии“, рече Виктор Андрусив, советник на министерот за внатрешни работи на Украина.
„Имаме навистина голем проблем со телата на руските војници. Ги има илјадници. Беше студено на почетокот на војната, но сега имаме проблем затоа што Русите не сакаат да ги преземат телата. Искрено, не знам што ќе правиме со сите тие тела“, додаде тој.