Австрија воведе нови мерки: Задолжително носење маски во затворен простор


Австрија воведе нови мерки за епидемијата.
По долги и тешки преговори, поради големиот број новозаразени, од полноќ е вратена мерката за носење маски во затворен простор.
Откако австриската влада на 5 март ги укина речиси сите епидемиски мерки, имаше драматично зголемување на бројот на новозаразени, што сега ги принуди властите да се вратат на мерките.
Новите мерки стапија на сила на полноќ, со ден задоцнување и предвидуваат обврска за носење на маската ФФП2 во сите затворени простори. Од оваа обврска се ослободени само приватните простори за живеење, на трпезите во рестораните, како и на пробите или уметничките претстави.
Уредбата, исто така, предвидува дека маските не мора да се носат на собири во затворени простории каде што има до 100 луѓе, но за собири со повеќе од 100 седишта, како што се кино, театар, опера, важи обврската за носење маски ФФП2. На собири со повеќе од 100 луѓе без специфични седишта, како забави или свадби, организаторот може да спроведе „3G“ контрола, односно дали гостите имаат потврда за вакцинација, потврда за прележан ковид19 или негативен тест, наместо обврска за носење маски. Сопственикот на барот може да избере дали ќе го примени правилото „3G“ или ќе побара од гостите да носат маски.
Обврската за носење маски ќе биде на сила до 16 април.
На сила стапи и новата препорака на Министерството за здравство за карантин на заразените со корона. Според таа препорака, времетраењето на карантинот се скратува на пет дена, односно изолацијата може да се прекине по петтиот ден, но предуслов е лицето да нема симптоми најмалку 48 часа. Лицето кое е позитивно, по петдневен карантин, мора да ја носи маската FFP2 пет дена во контакт со луѓе, а со тоа и во приватна средина. Исто така, тоа лице не може да присуствува на поголеми настани, како натпревари, концерти и слично и треба да избегнува угостителски објекти.
За да се избегнат овие ограничувања на движењето на заразеното лице по петтиот ден од изолацијата, може да се тестира, а за ослободување на мерките потребен е негативен ПЦР тест или позитивен тест со КТ вредност поголема од 30, се вели во регулативата.
Властите во Виена веќе најавија дека нема да ги применуваат новите епидемиски мерки на австриската влада, бидејќи веќе применуваат построги мерки. Конкретно, нема да ја примени одлуката за намалување на карантинот.
