Македонија

Објавени приватните пораки на Драги Рашковски, се зборува за тендер, софтвер, милиони

На денешното судење во кое е обвинет Драги Рашкоски, се читаа пораки од вибер комуникација, а според пораките што ги читаше Трајчева, Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски разговараат за конкурирање на тендер. Пораки од апликацијата Вибер од телефонот на обвинетиот Даниел Станчев од „Инвока груп“, денеска презентираше обвинителката Ивана Трајчева на судското рочиште за случајот „Софтвери“, каде што првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Првата комуникација што ја презентира Трајчева беше од вибер-група меѓу обвинетите Даниел Станчев, Ирена Ивановска и Драги Рашковски, за кој обвинителката кажа дека бил запишан во телефонот како „Перо 078“.

Првата комуникација на „Вибер“ е помеѓу Даниел Станчев и обвинетиот Драги Рашковски запишан (мемориран) со латинични букви „Перо 078“ и обвинетата Ирена Ивановска запишана со латинични букви „Ирена 070“. Станува збор за разговор во група кажа Трајчева и ги презентираше пораките.

Првата порака е од 5 јули 2019 година и е со содржина: „Нова аудиобомба за Рашковски_потивко-не смееме да разговараме со Рашковски“. Од „Перо 078“ пораката е: „Чувај ја таа кај тебе. Како доказен материјал“. Следната порака е од „Ирена 070“ која праќа насмевка (емотикон). Потоа, пишува Даниел Станчев : „Кој е крив, Рашко е крив. Во пензија е Б.Ц., треба нов“. Следната е од „Перо 078“: „Перо е крив“. Даниел Санчев враќа: „Да аплицираме со Инвока и ФИНГИ, така? Нема измени?“. Следната е од „Перо 078“, датумот е исти: „Па може“. Следната е од Даниел Станчев: „И да нè зборат, ќе нè зборат за пари, не дека сме се посрале“. Следната порака е „Перо 078“: „Тешко ќе ја направат спојката. Трајче ќе го јаде. Трајче и Перо“. Даниел Станчев враќа: „Перо 50к за проектот за утре. Или повеќе, па да спуштаме?“. „Перо 078“ пишува: „COOB?“ Следната е од Даниел Станчев: „Да“. Потоа „Перо 078“: „Макс“. Станчев: „Нема буџет, ние треба да ставиме од нас“. „Перо 078“: „Има предвиден“. Станчев на ова враќа линк од страницата на Бирото за јавни набавки и пишува: „Падна сајтот на БЈН. Ова го немаше Гоко кога беше директор“. „Перо 078“: „Игор знае колку е буџетот“. Станчев испраќа слика од страната на Бирото за јавни набавки каде освен „Инвока“ има и понуди од други две фирми и пишува: 1.2 и 5.2. конкуренција“. „Перо 078“: „Знам. Ќе ја поништиме“. Станчев: „Има грешка со барањето за цена. Пишано е цена на месец а не вкупна цена“.

Комуникација помеѓу обвинетиот Даниел Станчев и обвинетиот Игор Христов заведен како „Игор сервер“ исто така беше читана во судницата. И овие пораки ги презентираше обвинителката Ивана Трајчева.

Првата порака е од Даниел Станчев: „Здраво Игор. Кој е буџетот за сооп? За утре?“ на што „Игор сервер“ враќа: 3.6. Станчев вика: „Со ДДВ?“, „Игор сервер“ вика: „Не“. Станчев вика: „3.6 го пишува“. „Игор сервер“: „Да ама стај го 4“. Станчев враќа: „Паднат е БЈН“. „Игор сервер“: „Не. Не пишува“. Даниел Станчев: „4+ДДВ?“. „Игор сервер“: „Да“. Даниел Станчев: „ДДВ 18 отсто?“. „Игор сервер“: „Не, 5%“. Станчев: „Нема превентивно“. „Игор сервер“: „Не. Има една година гратис после тоа“. Станчев испратил слика од страната на БЈН каде се гледаат понудувачи и тоа правни лица Инвока, Кинг и Лирекс. „Игор сервер“ пишува: „Кој е прв?“. Станчев вратил: „Лирекс 1.25, Инвока 4.2 м“. „Игор сервер“ прашува: „Кинг?“, а Станчев враќа слика од БЈН каде се прикажува предмет на јавна набавка за кој Трајчева вели дека софтверот за безбедност во сообраќајот и изрекување на казни. Потоа, Станчев пишува: „Сигурно ќе има бодување или да исфрлат за неисполнување услови“.

Обвинителката Ивана Трајчева кажа дека пораките биле најдени во телефонот на обвинетата Ивановска, кој бил марка „ајфон 11“. Муабетите според неа биле правени на „вибер“ со Драги Рашковски, кој бил зачуван во телефонот како „Перо 078“ и со обвинетиот Даниел Станчев.

Во нив се зборува за јавна набавка. Ова е продолжение на пораките.

Првата порака е од Даниел Станчев 23.12.2019 година: „Перо има три понуди, сите 7м. Лирекс, Кинг и ние“. „Перо 078“ односно Рашковски вратил: „Епа кога е наддавање?“. Обвинетата Ирена Ивановска напишала: „2 по 7м и една 7.3м“. Станчев пишал: „Ти треба да кажеш…“. „Перо 078“ односно Рашковски пишал: „Да одиме до 4.5. Кога ќе е наддавањето?“. Станчев одговорил: „Нема објава се уште. Изветување треба да ни пратат“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Нели е утре?“. Станчев одговорил: „До утре е евалуација. До 10ч“. „Перо 078“ односно Рашковски повторно: „Аха“. Станчев: „Подобар ли Дамјан“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Да. Утре ќе е наддавањето. Немој да утнете. 15 поени имате само“. Ирена Ивановска пишала: „Од колку?“. „Перо 078“ односно Рашковски одговорил: „Ќе ви стаса маил. Гледајте утнете и да се убијам. И како може некој да има повеќе стартни по..“. Ирена Ивановска одговорила: „Не знам“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Е па доставиле повеќе потврди. Ќе ви стаса маил за датум“.

На 31.12.2019 година, „Перо 078“ односно Рашковски пишал: „Аукција на 2-ри февруари, за сообраќајното, Инвока 95 бода, Лирекс 90 бода, Кинг ИЦТ 85“. Станчев пишал: „Најниска цена? Професорот е бек-ап за наддвањето, му дадовме јузер“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Важи. Спремни?“. Добил одговор: „Да. Почна“. Станчев: „5.56 дојде цената“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Терајте. До 4. Па ќе ми кажеш“. Ирена Ивановска: „4.235м, Завршивме“. „Перо 078“ односно Рашковски: „Ние?“. Даниел Станчев: „Е кој друг“.

По оваа презентација, Рашковски рече дека не се плаши од комуникацијата.

„Како можете да гарантираните за пораки од ПДФ документ. Ако отворите ќе видите таму пишува кој е изворот. Дајте да ја видиме базата, дали тоа таму го има. Нас Обвинителство ни презентира ПДФ документ, не знам дали да смејам или да плачам, со цело мое знаење. Да се утврди дека изворот на пораките е контакт.дб базата, а не ПДФ документ. Лажен извор ни прикажувате“, додаде Рашковски.

Реагираше и Станчев: „Овој документ бидејќи сега е пред нас, е уредуван на 24.01.2021 година“.

Трајчева одново кажа: „Оригиналните докази се во судот, датите што ги гледате овде, како што можевте да видите додека ги читав, се маркираат со жолто. Судот може да провери.“

Претходно, исто така беше читана комуникација помеѓу Рашковски, Станчев и Ивановска.

На почеток