(ВИДЕО) Скопје слави за победата на Македонија, македонски знамиња и свирежи за голот на Трајковски
Со свирежи, развеани македонски знамиња и пароли се слави победата на Македонија во дуелот против Италија. Низ улиците на Скопје речиси веднаш откако заврши натпреварот, скопјани излегоа со автомобилите за го прослави пласманот на Македонија во финалето за Светското првенство. Нема рамнодушни и сите се задоволни од епилогот од мечот кој до последната минута беше неизвесен.
Во меѓувреме, македонските фудбалери слават во Палермо, навивачите кои отпатуваа таму низ улиците на Сицилија. Победничкиот гол за Македонија го даде Александар Трајковски.
Италија во 30.минута ја имаше најдобрата шанса, а ја создаде Столе Димитриевски. Македонскиот голман сакаше да проигра во средината, топката стигна директно до Доменико Берарди, кој беше во супер можност, шутираше кон празниот гол, но Столе Димитриевски сепак успеа да спаси. Две минути подоцна Николо Барела се обиде од далечина, а во блокот шутираа и Чиро Имобиле и Лоренцо Инсиње.
Во 39.минута, Дарко Чурлинов украде топката од стоперите на Италија, тргна сам кон голот на Донарума, но не издржа во спринтот, па Флоренци го стигна и расчисти со лизгачки старт.
Во 45.минута, првата конкретна акција и од Македонија, Барди го проигра Трајковски, кој шутираше од 20 метри, но Донарума одбрани.
На почетокот на вториот дел, повторно напади од италијанскиот тим, се закани Берарди, еднаш беше непрецизен, а вториот пат Димитриевски одбрани.
Берарди во 64.минута имаше уште една убава можност, но во последен момент блокираше Алиоски во корнер.
Емерсон во 79.минута упати „бомба“ од 20 метри, но над голот на Македонија.
И потоа шок за Италија. Александар Трајковски во 95.минута погоди за 0-1. Од 25 метри упати „бомба“ и го совлада Донарума.