„Ги применивте санкциите, нобеше малку доцна“, вели Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на шефовите на држави на самитот на Европскиот совет во Брисел, со остра порака.
Тој прво зборуваше за уништувањето на земјата од страна на Русија и штетите, а потоа и се заблагодари на Европа што се обедини во поддршката на Украина. Тој рече дека веќе се уништени 230 училишта, 155 градинки, а загинале 128 деца.
„Цели градови, села се уништени. Нема ништо. Руската армија уби новинари. Иако го видоа натписот „Press“, можеби не се научени да читаат“, рече тој.
Потоа, во свој карактеристичен искрен стил, пишува Би-Би-Си, на европските лидери им порачал дека постапиле предоцна за да ја запрат Русија.
„Ги применивте санкциите. Ние сме благодарни. Ова се силни чекори. Но, беше малку доцна… имаше шанса“, рече тој, додавајќи дека доколку имаше превентивни санкции, Русија можеби немаше да влезе во војната.
Тој укажа и на гасоводот Северен тек 2, каде сугерираше дека доколку тој бил блокиран порано, Русија немаше да создаде гасна криза. Зеленски рече дека побарал од соседните држави да го одобрат барањето на Украина за влез во ЕУ.
„Еве ве молам – не доцнете“, им рекол тој.