Актуелно

Русија Првата фаза од војната заврши, следна цел е Донбас

Руското Министерство за одбрана објави дека првата фаза од воената операција во Украина е „генерално“ завршена и дека руските сили сега ќе се фокусираат на „ослободувањето“ на украинскиот источен регион Донбас, пренесува Гардијан.

Изјавата на Министерството е навестување дека Русија може да се сврти кон поограничени цели, откако се соочи со жесток украински отпор во првиот месец од војната, тврди британскиот весник.

„Генерално, главните задачи од првата фаза од операцијата се завршени“, рече првиот заменик началник на Генералштабот на руските вооружени сили Сергеј Рудскаја на конференција во петокот.

Според него, борбениот потенцијал на вооружените сили на Украина е значително намален, што им овозможи на руските сили да ги насочат своите најголеми напори сега „на постигнување на главната цел, ослободување на Донбас“, пренесува Си-Ен-Ен.

Висок претставник на американската одбрана изјави дека руските копнени сили покажале мал интерес за движење кон Киев во изминатите неколку дена, иако продолжуваат со воздушни напади врз главниот град, пишува Гардијан, повикувајќи се на АП.

„Барем во моментов, изгледа дека не сакаат да го нападнат Киев толку агресивно или воопшто. Тие се фокусирани на Донбас“, рече претставникот.

Во соопштението на руското министерство се наведува дека проруските сили сега контролираат 93 отсто од украинскиот Луганск и 54 отсто од Доњецк, две области кои заедно го сочинуваат Донбас, пренесува Ројтерс, цитирајќи руски медиуми.

На почеток