Во пресрет на решавачкиот меч – Португалија засилена, Алиоски: ќе го оставиме срцето на терен
Португалија ќе биде дополнително засилена за мундијалската финална пресметка во баражот против Македонија, откако од денеска на подготовките со националниот тим се врати искусниот дефанзивец Пепе, кој го прескокна мечот со Турција поради ковид-19.
Пепе пред стартот на подготовките за овие мундијалски баражи излезе позитивен на ковид-19, но немаше никакви симптоми, па во изолација дома работеше под посебен режим за да остане во ритам и кондиција, кога ќе излезе од изолацијата експресно да се приклучи на тимот.
Инаку Португалија за оваа пресметка со нашата селекција е засилена и со Жоао Кансело, одличниот бек од Манчестер сити, како и за „питбулот“, Ренато Санчез, кои беа суспендирани за полуфиналната пресметка со Турција, коха Португалија ја доби со 2-1.
Од друга страна, Алиоски, кој одигра фантастично против Италија даде една навистина интересна изјава за швајцарските медиуми.
„Исфрливме гигант како Италија, но сè уште не сме направиле ништо. Ние ќе го оставиме срцето на терен против Португалија и се надеваме дека ќе дојдеме до посакуваната цел.
Кристијано Роналдо игра на врвно ниво веќе 20 години и не би сакале ништо да расипеме во неговата кариера, но ние сме дојдени со наши пресметки“ изјави Алиоски.