Македонија

Првиот сет на податоци од Пописот, ќе бидат објавени денес

ДЗС денеска ќе ги објави податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021 година, кој што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година.

На настанот, како што е најавено, ќе се обратат директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, заменикот-директор Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц.

Настанот ќе биде поделен во два дела: во првиот дел ќе бидат доделени благодарници на институциите кои придонесоа за успешното спроведување на Попис 2021, а во вториот дел ќе бидат објавени податоците од Пописот.

Пописот 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.

Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет на податоци што ќе биде објавен денеска, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…

Според податоците објавени на веб страницата на Државниот завод за статистика веднаш по завршувањето на Пописот на 30 септември, попишани се вкупно 1.832.696 лица, регистрирани се 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Самопопишани лица во странство се 204.805 граѓани.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

На почеток