Милошоски: Секој оној кој се занимава со признавање или непризнавање на пописот ја промашува поентата и прави манипулација за поделба на населението
На одговор на новинарско прашање, пратеникот Антонио Милошоски во врска со резултатите од пописот кои излегоа во јавноста, рече дека истиот ќе беше покомплетен доколку Државниот завод за статистика успееше секој оној кој што не се изјаснил по национална основа, вероисповед или мајчин јазик, да го регистрира и дефинира преку административните податоци кои државата ги има за секое лице и затоа сметаат дека грешката ја има направено ДЗС.
– Во секој случај, сметаме дека бојкотот и тие кои повикуваа на бојкот го прави и самиот попис понекомплетен на штета на Македонците.
Секој оној што се занимава со признавање или непризнавање од политички партии сметам дека ја промашува поентата и само прави нова манипулација од политичка гледна точка или можеби нова поделба помеѓу населението. Бројките и ДЗС, имаат обврска да бидат објавени според закон во Службен весник и тоа ќе биде направено, но начинот на кој се спроведени или обработени податоците и неуспехот да се дефинираат тие 7,2% ги прави бројките некомплетни. – додаде Милошоски.