Свет

Макрон и натаму е фаворит на претседателските избори

Францускиот претседател, центристот Емануел Макрон и натаму е фаворит на претседателските избори.

Но, кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен ја намалува разликата, резултатите од новата анкета денеска ги пренесоа француските медиуми.

Макрон би можел да освои 28 отсто од гласовите во првиот круг од изборите закажан за 10 април, а Ле Пен 21 отсто.

Се чини се поизвесно дека ситуацијата ќе биде иста како и на претходните претседателски избори во 2017 година, кога Макрон и Марин Ле Пен влегоа во вториот круг од изборите.

Кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон ќе биде трет во анкетата со 15,5 отсто од гласовите, пред кандидатот на крајната десница Ерик Земур со 10,5 отсто од гласовите.

Зад Земур е кандидатот на традиционалната десница Валери Пекрес со 9,5 отсто гласови.

Анкетата е спроведена на интернет од 28 до 30 март на повеќе од 1.500 испитаници.

Аналитичарите наведуваат дека изборната кампања е бледа, без реална неизвесност и дека се одвива со извесна незаинтересираност од граѓаните, што може да доведе до помал одѕив на гласачите, пренесе агенцијата Франс прес.

Тие оценуваат дека во Франција, исцрпена по две години од пандемијата на корона вирусот и загрижена за конфликтот во Украина, најважните избори овојпат се во втор план.

На почеток