НАТО: Не можеме да испраќаме авиони во Украина, би имало војна низ цела Европа
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека војната во Украина била „голема стратешка грешка за Русија“.
Тој додаде дека НАТО не може да испрати војници или авиони во Украина бидејќи војната „ќе се прошири низ цела Европа“.
„Тоа би довело до војна низ цела Европа. Ќе видиме повеќе страдања, но во многу повеќе земји“, рече Столтенберг.
„Имаме разузнавачки информации дека руските трупи не се повлекуваат“
Генералниот секретар на НАТО денеска изјави и дека не им верува на најавите на Русија дека ќе ги намали воените операции околу Киев и има информации дека не станува збор за повлекување, туку за прегрупирање.
„Русите досега постојано лажеа и ние не веруваме во зборови, туку само во дела“, изјави Столтенберг на прес-конференција во Брисел.
„Имаме разузнавачки информации дека руските трупи не се повлекуваат“, додаде тој.
Тој посочи дека НАТО има разузнавачки информации дека руските војници не се повлекуваат, туку се прегрупираат, ги надополнуваат залихите и ја зајакнуваат офанзивата во регионот на Донбас.
„Истовремено, Русија го продолжува притисокот врз Киев и другите градови и очекуваме нови напади кои ќе донесат уште повеќе страдања“, рече генералниот секретар на НАТО.