Јапонија не се откажува од рускиот гас


Јапонија ќе го задржи уделот во проектот Сахалин 2 за течен природен гас (ЛНГ) во Русија, бидејќи тој е клучен за енергетската безбедност, рече премиерот Фумио Кишида.
Уделот на Јапонија во проектот, како и други слични инвестиции во Русија, се најде под лупа поради кризата во Украина. Бројни западни нафтени и гасни компании најавија повлекување од руските проекти поради руската инвазија на Украина, потсетува Ројтерс.
Јапонија ги заостри санкциите кон Русија, но владата во Токио постојано истакнуваше дека рускиот течен гас е клучен за енергетската безбедност на земјата.
„Јапонија има удел во Сахалин 2, што придонесува за сигурно долгорочно, стабилно и евтино снабдување со ЛНГ. Овој проект е исклучително важен за енергетската безбедност на Јапонија“, рече во четвртокот премиерот Кишида.
„Нашата политика не е повлекување“, рече Кишида, додавајќи дека неговата влада ќе продолжи да бара начини да ја намали зависноста на Јапонија од руските енергетски извори.
