Не само Цар Самоил туку и св. Климент Охридски, св. Кирил и Методиј се решена работа за Османи


Не само Цар Самоил, туку и св. Климент Охридски, св. Кирил и Методиј и други две историски личности се решена работа за Бујар Османи, министер за надворешни работи. Тој вика дека историската комисија на Бугарија и Македонија заедно се договориле за овие прашања. Според него, сега само се усогласува како да се впишат овие важни историски, македонски личности, во учебниците.
„Св. Климент Охридски, св. Кирил и Методиј и Цар Самоил се решени во 2019 година. Не се објавени бидејќи чекавме да најдеме начин кога како ќе се објават текстовите. Членовите на комисијата од нашата страна стојат зад тој текст. Во моментот се зборува дали тие текстови и содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците. Дали ќе се препорачаат истите за учебниците или ќе бидат поинакви формулации за нив. Тие нека ги објаснат тие детали, бидејќи се стручни. Има конструктивност, има одредено уважување на мислењето на другиот. Тоа беше клучен проблем до сега. Секој имаше замисла и мислеше дека тоа мора да биде конечното решение“, кажа Османи.
Тој не одговори која е историската личност за која почнале конструктивни работи како што кажа бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Најголемата кочница во нивното разбирање беше како текстовите договорени за чествување ќе се препорачаат за учебниците. На овие средби е постигнат напредок во тоа како може да се препорача. Не е финализирано бидејќи треба да се конкретизира во текст. Тие работат по периоди, среден век, тој период, друг период. Битно е дека се договорени пристапот и принципите. Тоа е поважно од конкретно решение. Од моја страна битно е да се гледаат често“, додаде Османи.
