Напредокот на историската комисија е „позитивната атмосфера“, кажа Османи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не кажа кој е точниот напредок во историските преговори меѓу Македонија и Бугарија. Единствено што посочи е дека има позитивна атмосфера меѓу работните групи. Според него, тоа е доволно, бидејќи е важно Владата да не дискутира за историски прашања.
„Во последните две седници атмосферата е поинаква, конструктивна, без меѓусебни навреди и напаѓања, обид да се разберат меѓусебно, обид да се најдат начини како да се уважи мислење на едниот или другиот во однос на историските прашања. Тие средби, според извештаите, во изминатите две години беа тешки и напорни. Атмосферата сега влева надеж. Комисијата не треба да постигне резултати, туку да ја задржи темата таму, научно да ја работи, а да биде постојано конструктивна за да политичкиот процес има доверба во тој инструмент. Ние со Владата не збориме за историски прашања, тоа е целта. Двете страни имаме доверба дека почнаа да работат како што треба“, кажа Османи.
Министерот смета дека македонскиот Устав е селективен.
„Јас ги ценам тие организации, тие институти, прават добра работа, добро е што алармираат. Апсолутно нема простор за загриженост, бидејќи не правиме ништо што не е транспарентно. Мислам дека внесување на заедниците, не само бугарската, туку и останатите, внесени се само 7-8 заедници, а не се сите, а тие го чувствуваат како селективност. Не се внесени Црногорците, Хрватите, Бугарите. Дека тоа ќе го направиме пред почеток на преговорите – тоа е тешко. Дека можеме да го направиме во текот на преговорите или при крај – тоа е можно. Тоа се разговара со Бугарија“, додаде Османи.