Скопје

Град Скопје возврати: „Лајка“ е во милионски долгови трупани од раководството на Шилегов и СДСМ

Јавното претпријатие Лајка е во милионски долгови трупани од раководството на поранешниот градоначалник Петре Шилегов и СДСМ, реагира Град Скопје, откако претходно денеска Лилјана Божиновска, советничка во Советот на Град Скопје, обвини дека градоначалничката Данела Арсовска лошо го менаџира стационарот, а вработените со месеци не зеле плата.

„Советниците на СДСМ кои се дел од Советот на Градот Скопје кои се добро информирани за извештаите и одлуките кои се гласаат на Советот на Град Скопје, би требало наместо да пласираат лажни вести во јавноста, точно да знаат во каква состојба ги остави јавните претпријатија Петре Шилегов кој беше градоначалник од нивните редови. Граѓаните треба да знаат дека ЈП Лајка и неговата незавидна финансиска состојба е последица на неодговорното работење на претходното градско раководство. Претпријатието е руинирано, оставено со наследени долгови во износ над 10 милиони денари. СДСМ треба да го праша својот кадар претходниот градоначалник Шилегов зошто во ЈП Лајка биле ненаменски трошени средствата за редовно работење, зошто редовно не биле наплатувани средствата од скопските општини според трипартирните договори,и зошто без мерка се трошеле парите на граѓаните со што е доведено претпријатието во милионски долгови“, реагира Град Скопје.

Оттука додаваат дека лошото управување и трупањето на долгови без мерка е одлика на претходното градско раководство. Работата на кадарот на претходниот градоначалник, како што се наведува, резултирало со над десет милиони денари натрупани долгови само за ова јавно претпријатие.

„Лага е дека во ЈП Лајка нема хуман третман на уличните кучиња, напротив, кучињата се третираат на најсоодветен начин, но и се работи на консолидација на претпријатието кое претходното раководство го довело до раб на пропаст“, се додава во соопштението на Град Скопје.

На почеток