Возачот кој ја усмрти Викторија кај „Сити мол“ прозборе пред судот, адвокатот го опиша неговиот живот
Возачот Јордан Ѓоргиев кој ја стори несреќата кај „Сити мол“ изрази каење и призна вина. Пресудата за него ќе се чуе во понеделник.
„Сакам да изразам сочувство на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Камо да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, кажа возачот Јордан Ѓоргиев.
Обвинителството очекува казна која ќе превенира идни вакви несреќи.
„ Со оваа кривична санкција искрено се надевам дека ќе биде задоволена правдата пред се во делот на генералната превенција во овој вид на криминалитет, бидејќи во последно време сме сведоци на жал се позачестени вакви незгоди, каде како последица го имаме губењето на човечки животи. Очекувањето на обвинителството е да се определи санкција со која ќе се остварат целите на казнувањето. Предлагам да му се определи кривична казна забрана за управување со моторно возило“, кажа обвинителот Мишо Илиевски.
Адвокатот на семејството Николови, кажа дека тие не добиле извинување од адвокатот, семејството и оштетениот и 76 дена по несреќата.
„Сакаме да потенцираме дека денеска е 76 ден од смртта на Викторија и во однос на признавањето на вина, сметаме дека истото е институционално. Затоа што во текот на овој период ниту семејството на обвинетиот, а и самиот тој, во ниту една форма, се нема извинето, изразено сочувство или искрено да се покае. Сакаме судот ова да го има во предвид и да донесе казна како што треба за да покажеме владение на правото сразмерна на делото кое е сторено“, кажа адвокатот Владимир Михајловиќ, кој го застапува семејството на загинатата Викторија Николова.
Адвокатот Душко Јанковиќ, кој го застапува обвинетиот Јордан Ѓоргиев го опиша неговиот живот. Кажа што проживува, го спомена и каењето. Јанковиќ пред судијката кажа дека возачот е веќе казнет, бидејќи има трајно психичко пореметување. Според адвокатот, возачот Јордан кажал: „Каењето и самообвинувањето на Јордан се гледа и од тоа што во неколку наврати изјавил дека кога би можел да биде на местото на починатата Викторија, би се сменил со неа“.
„Чинот на признанието на Јордан мислам дека е единствен начин за таа трагедија се ублажи и за двете страни, но и да денеска ја утврдиме правата вистина за целиот настан. Кога велам да се утврди правата вистина, не мислам на утврдување на фактичка состојба, но мислам, на сите невистини, лаги, инсинуации, злонамерни пишувања, колнења, клевети и закани со убиство искажани кон обвнетиот Јордан, неговото семејство, па и лично кон мене како негов бранител, а искажани преку социјалните мрежи од првиот момент на случената трагедија од страна на квази добротвори, квази правници, кои цело време изведуваа квази судии седејќи позади тастатурата пред компјутер, а вклучен ‘Фејсбук’ и неограничено ги лечеа своите комплекси, а притоа, не сфаќајќи дека се всушност морални накази и чудовишта кои немаа почитување спрема никого и со цел да ова и така не мала несреќа, уште повеќе ја зголемат, а што е најважно, немаа почит и спрема семејството на оштетените. Ова го кажувам со причина. Затоа што, обвинетиот успееја тогаш да го прикажат како дете кое е збеснато, чиј татко бил функционер, бизнисмен, близок со власта, а возел со скап џип, па дека бил пијан, поминал на црвено. Сето тоа влијаеше врз целата оваа постапка, почнувајќи по првиот ден и во некои решенија на овој суд каде што дури беше напишано и наведено дека во одлуката меѓудругото се носи и заради притисокот на јавноста. Ова не е прва сообраќајка ниту последна. Имало и многу потешки кривични дела, но никогаш немало таков публицитет што дури и влијаеше и на судски одлуки. Искрено се надевам дека овој суд нема да подлегне на никакви притисоци и дека ќе донесе објективна одлука. Како и да е, обвинетиот Јордан Ѓоргиев е најобично младо дете од нашето секојдневие. Ниту е син на директор, ниту имал скап џип, ниту бил под дејство на алкохол и дроги, што е факт и видно од самиот обвинителен акт. Живее во семејна заедница, со неговата мајка и помлада сестра и повремено, со неговата вереница. Родителите на Јордан се разведени уште во 2007 година и од тогаш се самохрано семејство. Неговиот татко, како за пример, живее веќе 17 години во Гевгелија и е невработен. Кога го опишуваме карактерот или психолошкиот профил на животот на младиот Јордан, неговата клучна улога во семејството е домаќинската улога и преземањето на улогата на неговиот татко. Јордан е ко-кредитобарател на неговата мајка која е кредитобарател, за кредит, за стан каде што денеска живеат, со рок на исплата од 30 години. Јордан на свое име и со двајца жиранти има подигнато уште еден кредит. Тоа покажува дека покрај тоа што студира, тој работи, зема плата од 45 илјади денари и заедно со неговата мајка го водат семејството“, кажа адвокатот.