Зеќири во Шутка со кошула, сместен во изолација каде ќе остане првите 30 дена
Мухамед Зеќири е примен во затворот Шутка. Тој има ист третман како секој притвореник кој со одлука на Кривичен суд е однесен таму. Сместен е во примениот оддел, каде ќе остане седум дена. Тој замина во затворот „Скопје“ во Шутка, со истата облека со која дојде, во кошула и јакна. Бидејќи е викенд, семејството најбрзо што може да му достави и други неопходни работи ќе биде во понеделник. Според информации на „Скопје1“, Зеќири вчера бил вознемирен, но денеска е во добра здравствена состојба и се нема пожалено за да побара проверка кај домскиот доктор.
Судијата Васе Динковски му одреди 30-дневен притвор на Зеќири. Со полициски возила неколку минути пред полноќ, генералниот секретар во оставка, беше однесен во истражниот затвор.
Мерката беше побарана поради сомнежи дека може да избега, да го повтори делото или да влијае на сведоци.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Попладнево, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.
„Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност.
Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, напиша Зеќири.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна остапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќиги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во
текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, вели Кривичен суд.