Свет

Референдум во Мексико за останување на претседателот на функцијата

Граѓаните на Мексико денеска на референдум се изјаснуваат дали претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор да остане на позицијата шеф на државата.

Според претседателот Лопез Обрадор, денешниот референдум е од витално значење за потврдување на неговиот демократски мандат, додека опозицијата вели дека тоа е одвраќање на граѓаните од вистинските проблеми на земјата, пренесува Ројтерс.

Претседателот Лопез Обрадор е на власт од декември 2018 година и беше застапник на првиот референдум за отповикување во современо Мексико.

И критичарите и поддржувачите очекуваат тој лесно да победи на референдумот.

Од друга страна, денешното гласање поттикна шпекулации дека тоа би можело да ја отвори вратата за продолжување на лимитот на претседателскиот мандат во земјата, каде што тој има право да има само еден шестгодишен мандат.

Лопез Обрадор негира дека сака да го продолжи мандатот.

„Ако немам поддршка од народот, не можам да продолжам да владеам“, рече тој за референдумот на почетокот од годинава, додавајќи дека е потребен морален авторитет за да постои политички авторитет.

Анкетите покажуваат дека излезноста веројатно ќе падне под прагот од 40 отсто потребен за референдумот да биде валиден, иако Лопез Обрадор рече дека ќе ги почитува резултатите без оглед на конечниот исход.

Според Ројтерс, мексиканскиот претседател не ги исполнил своите предизборни ветувања за справување со криминалот и за подигање на економијата на земјата.

Неговото успешно спроведување на општествените програми и секојдневното прикажување на политичкиот наратив во кој делува како морално коректен бранител на сиромашните од неточната, богата елита, помогнаа да се зајакне неговата популарност.

На почеток