Сведоштво за ужасите во напуштените села во Украина
Додека руските сили се повлекуваат кон источна Украина, во напушените села се откриваат ужаси..
Андривка, на околу 60 километри од главниот град Киев, беше дом на околу 1.000 луѓе. Најмалку 40 од нив се убиени, пишува Би-Би-Си.
Антон Ишченко го прослави својот 23 роденден. Еден ден подоцна, руските сили под закана со оружје го однеле од неговата куќа во Андривка.
Неговото семејство го пронашло неговото тело еден месец подоцна, откако руските сили биле протерани. Неговото тело не можело да се препознае, па мораа да го препознаат по облеката.
„Можеби, ако отидеше да се бори на друго место, ќе се вратеше во едно парче“, вели бабата на Антон, Тетиана низ солзи.
„Кога мојот сопруг им рече на Русите „Земете ме мене наместо него“, тие му вперија митралез и му рекоа: „Одете дома или ќе ве однесеме двајцата“.
Телото на 23-годишниот внук на Тетијана Антон сега лежи на работ од гробиштата во Андривка. Дури сега успеале да го закопаат.
„Сакавме да го погребаме одделно и со свештеник, не само во масовна гробница“, рече таа и додаде: „Имам две ќерки, а тој беше наше момче. Имавме само едно момче“.
Григориј Клименко останал во селото за време на руската окупација. Решил да остане со својата 90-годишна мајка, која била врзана за кревет. Тие со ужас гледаа како тенкови го опкружуваат селото.
„Тие се животни“, вели тој за руските сили кои го окупираа селото. „Луѓето не се однесуваат вака. Моите родители ми кажаа за војната, а ни фашистите не правеа такви работи“, вели тој.
Во соседството Леонид Ковал и неговиот син почнуваат да ја поправаат својата оштетена куќа, покривајќи го покривот и поправајќи пластични фолии на разнесените прозорци. Руски војници останале во неговата куќа – и ја ограбиле. Војниците испразнија се што најдоа.
„Не знам што бараа, само уништија сè. Немам зборови да опишам што направија“, изјави Леонид на новинарот на Би-Би-Си.
Селата и градовите во близина на Киев и Чернихив во северна Украина, од каде што се повлекоа Русите, сега се места на можни воени злосторства.
Андривка е на таа растечка листа, со Буч, Ирпин, Бороѓанка и други градови и села.