Скопје

(ФОТО) Запрена градба на седум нивоа на Водно, се бара итно отстранување

Затворено е градилиште на Водно. Инспекциите на Општина Центар издале и решение за отстранување на градба која е на седум ката.

„Овластен градежен инспектор доднесе решение со кое се наредува на инвеститорот, физичко лице со живеалиште во Струга, во законски предвидениот рок да прекине со сите градежни активности и да ја отстрани градбата.
Се работи за објект од втора категорија со намена А1 – домување во станбени куќи, со димензии 11.8 метри на 8.9 метри, изграден од армирано бетонска конструкција на улица „Христо Чернопеев“ бб, дел од локалитетот Тасино Чешмиче 1 и Тасино Чешмиче 2.

На инвеститорот на објектот, овластен градежен инспектор на 20.7.2021 година, му издал Решение со кое му се наложува итен прекин на градежните работи. И покрај добиеното решение за прекин на изградбатата, инвеститорот продолжил со изградба на објектот, спротивно на издаденото одобрение за градење и заверениот основен проект.
Врз основ на член 134, став 1, алинеа 3 и 4 и член 137 став 1 од Законот за градење, овластен градежен инспектор постапувајќи по службена должност, изврши контролен инспекциски надзор и донесе решение со кое му наложи на инвестирот во зададен рок да ја отстрани градбата. Во спротивно, општината ќе пристапи кон присилно административно извршување, со што трошоците од извршувањето ќе паднат на товар на инвеститорот“, вели Општина Центар.

„Апелирам до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти, да ги почитуваат издадените решенија за отстранување на објекти, затоа што во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, а трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците“, додава градоначалникот Герасимовски.

На почеток