Свет

Украинска армија: Во последните 24 часа одбивме 10 руски напади на истокот од земјата

Украинската војска објави нов дневен извештај за руската инвазија на Украина.

„Непријателот е главно фокусиран на прегрупирање и зајакнување на своите сили, продолжување на делумната блокада на Харков и артилериските напади врз тој град“, се вели во извештајот.

Украинците тврдат дека во последните 24 часа одбиле 10 руски напади во источните региони Доњецк и Луганск. Уништени се три тенкови, еден оклопен транспортер и три артилериски системи, велат Украинците, додавајќи дека заробиле и руски оклопен транспортер.

Украинската армија предупредува на зголемен ризик од ракетни напади од руски бродови во Црното Море врз одбранбената и логистичката инфраструктура на Украина.

„Во водите на Азовското Море, непријателската флота продолжува да го блокира пристаништето Мариупол и да обезбедува огнена поддршка во правец на брегот“, се вели во извештајот.

Според украинската армија, нема значителни промени во градот Северодонецк. Вчера, шефот на регионалната воена управа на градот, Олександр Стрјук, објави дека Русите уништиле околу 70% од градот со артилериски напади, оставајќи околу 20.000 жители од 135.000 кои живееле во градот пред војната.

Русите се уште се обидуваат да воспостават целосна контрола над Мариупол, најавија Украинците.

„Очекуваме непријателот да продолжи да се бори додека се обидува да стигне до административните граници на регионот Керсон и ќе се обиде да ја продолжи офанзивата“, се вели во извештајот.

На почеток