Грифитс: Се уште не е дојдено времето за прекин на огнот во Украина
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс изјави дека „се уште не е дојдено времето“ за прекин на огнот во Украина.
Како што појасни, од тоа зависи испраќањето хуманитарна помош во таа земја.
Сепак, Грифитс изрази надеж дека тоа ќе биде можно наскоро бидејќи овој викенд се слави православниот Велигден.
Може да се покаже одредена зрелост во наредниот период, изјави претставникот на ОН на прес-конференција во понеделникот.
По патувањето во Киев и Москва овој месец на состаноци на високо ниво со украинските и руските претставници, Грифитс за Асошиетед прес изјави дека забележал мала доверба меѓу конфликтните страни и дека „не е оптимист“.
Тој ги повика Русија и Украина да се вратат на преговорите насочени кон завршување на војната и да покажат „многу, многу повеќе подготвеност, пред сè Руската Федерација, и да им овозможат на конвоите слободен влез и излез“.
„За почеток, да им пружиме помош на луѓето онаму каде што им е потребна“, нагласи Грифитс.
Заменик-секретарот на ОН за хуманитарни прашања изјави и дека планира повторно да отпатува во Русија за да разговара за ситуацијата во Украина, по посетата на Турција, која треба да се реализира во текот на неделата, пренесе Тасс.
Обединетите нации соопштија дека 12 милиони луѓе се раселени поради војната, од кои околу 5 милиони ја напуштиле Украина, наведува АП.