Британците објавија нов разузнавачки извештај: „Украина одби уште руски напади“
Украина одби неколку руски напади долж линијата на фронтот во Донбас оваа недела, соопшти британското Министерство за одбрана во својот нов разузнавачки извештај.
Украинскиот отпор беше силен насекаде и им нанесе значителни загуби на руските сили и покрај тоа што Русија оствари одредени територијални придобивки, напиша британското Министерство за одбрана на Твитер во својот редовен извештај.
„Лошиот руски борбен морал и ограниченото време за обнова, реопрема и реорганизација на силите од минатите офанзиви веројатно ќе ја ослабат борбената ефикасност на Русија“, се вели во извештајот.
Генералштабот на украинските вооружени сили во неделата соопшти дека Русија поставила мобилни системи за лансирање на ракети Искандер-М на помалку од 60 километри од границата со Украина.
„Непријателот го зголеми бројот на војници во провинцијата Белгород со префрлање и концентрирање на дополнителни единици“, се вели во дневниот извештај на украинските вооружени сили.
Белгород е град и административен центар на истоимената руска провинција, северно од границата со Украина.
Искандер, мобилен балистички ракетен систем, ги замени советските ракети Скад. Нејзините две наведувани ракети имаат дострел до 500 километри и можат да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави.
Русија во петокот соопшти дека сака да владее со целиот југ на Украина.
Киев рече дека тоа покажува дека Москва има пошироки цели од демилитаризација и „деназификација“ на земјата.
Украина и Западот ја нарекоа руската инвазија, која трае веќе два месеци, неоправдана агресивна војна.