Путин се закани со одмазда ако некој се вмеша во конфликтот со Украина
Рускиот претседател Владимир Путин предупреди на молскавична одмазда доколку другите земји се вмешаат во конфликтот во Украина, додека европските лидери ја обвинија Русија за уцена поради нејзината одлука да го прекине снабдувањето со гас за Полска и Бугарија.
Русија им наложи на САД да престанат да испраќаат оружје во Украина, велејќи дека големите испораки на оружје од Запад го поттикнуваат конфликтот.
Обраќајќи им се на пратениците во Санкт Петербург, Путин рече дека Западот сака да ја подели Русија на различни делови и го обвини дека ја турка Украина во конфликт со Русија.
„Ако некој има намера да интервенира од надворешни настани и да создаде стратешки закани за Русија кои се неприфатливи за нас, треба да знаеме дека нашите одмазднички напади ќе бидат молскавично брзи“, кажал Путин во видео обраќање објавено од руските медиуми.
„Ги имаме сите алатки за тоа, работи со кои никој друг сега не може да се пофали. И нема да се фалиме, ќе ги искористиме ако треба. И сакам сите да го знаат тоа“, рекол Путин.
Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ во средата објави дека ги прекина сите испораки на гас за Бугарија и Полска, откако двете земји одбија да платат за гас во рубли. Полските и бугарските снабдувачи со гас претходно соопштија дека добиле официјални известувања од „Гаспром“ за прекини во снабдувањето.
Европската комисија во средата ја осуди едностраната одлука на Русија да го прекине снабдувањето со гас за некои земји-членки на ЕУ како обид да се користи енергијата за уцена.