Свет

„Окупаторите намерно ја уништуваат инфраструктурата за производство на гориво, но Украина ќе се избори“, вели Зеленски

Украина наскоро ќе се справи со недостигот на гориво, иако руските сили оштетија бројни складишта за нафта, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски.

Оваа недела Русија изврши напади врз погоните на главниот украински производител на гориво, рафинеријата за нафта во Кременчук, како и врз неколку други големи магацини, пренесува Ројтерс.

– Редиците и поскапувањето на горивата на бензинските пумпи се забележливи во многу региони во нашата земја – рече Зеленски во своето видео обраќање.

Тој нагласи дека „окупаторите намерно ја уништуваат инфраструктурата за производство, снабдување и складирање на гориво“ во Украина.

– Русија ни ги блокираше пристаништата, така што немаме итни решенија за овие недостатоци. Но, владините претставници ветуваат дека во рок од една недела, а најмногу две, ќе профункционира украинскиот систем за снабдување со гориво – додаде Зеленски.

Во изјавата, министерката за економија Јулија Свириденко рече дека сите недостатоци ќе бидат отстранети во рок од една недела, бидејќи украинските оператори обезбедиле договори со европските добавувачи, според Ројтерс.

На почеток