Македонија

Ковачевски кажа збор-два за Гоце Делчев

Премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи се обрати по повод 119 години од смртта на Гоце Делчев.

„Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава.

Неговата порака за светот како поле за културен натпревар меѓу народите до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.

Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици за создавање на самостојна држава.

Гоце Делчев беше лидер кој застапуваше вредности за обединување околу идејата за независна македонска држава кои ги споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, напиша тој.

На почеток