Позната заработката на Груевски во Унгарија преку фирмата која ја основаше лани
Неодамна основата унгарска компанија на поранешниот македонски премиер Никола Груевски бележи успешен старт на бизнисот со оглед дека успеала да оствари нето-добивка од 10 000 евра за нешто повеќе од пет месеци од нејзиното работење, пишуваат локалните унгарски медиуми кои ги пренесува „Балкан инсајт“.
Груевски во Унгарија избега во 2018 година и доби азил од тамошната влада на Виктор Орбан. Унгарската фирма ја регистрира на 14 јули лани во напуштена куќа во село оддалечено 20 километри од Будимпешта.
„Груевски избегнува публицитет и малку се знае за неговите услови на живеење и активности. Но, тој се најде на насловните страници минатото лето кога ја основаше ИЦИЦ Лтд. (I.C.I.C Ltd), мала компанија во село на периферијата на Будимпешта. Фирмата е регистрирана во напуштена куќа, а Груевски е наведен како единствен сопственик и главен извршен директор. Главната дејност на компанијата се деловни консултации, но исто така е лиценцирана и да спроведува широк спектар на други активности, како што се трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење, трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, управување со средства, рекламирање, односи со јавност и комуникација“,
потсетува „Балкан инсајт“.
Иако ИЦИЦ функционира само од минатото лето, веќе успеа да стане профитабилна со приходи од 5 милиони форинти (13 000 евра), пишува понатаму „Балкан инсајт“, повикувајќи се на унгарската деловна интернет-страница mfor.hu. Неговата нето-добивка од средината на јули до крајот на 2021, пак, изнесува 3,8 милиони форинти (10 000 евра).
Медиумот наведува и дека не се знае од кои активности произлегуваат приходите, но други медиуми шпекулираат дека парите би можеле да бидат поврзани со унгарското Министерство за надворешни работи. Неговиот прв човек, министерот Петер Сијарто, и не крие за неговите редовни средби со Груевски.
„Ако сакаме да ги имаме најавтентичните информации за тоа што се случува на Западен Балкан, со кого треба да разговараме, ако не со некој што бил премиер таму 10 години?“,
рече Сијарто одговарајќи на пратеничко прашање во унгарскиот парламент во 2019 година, потсетува „Балкан инсајт“.
Груевски и неговата фирма на почетокот на април годинава беа ставени и на црната листа на американскиот Стејт департмент, меѓутоа, анализира медиумот, поради блиските релации на Груевски и премиерот Орбан, тоа веројатно нема да доведе до промена на пријателскиот пристап што ја има актуелната унгарска влада кон поранешниот премиер на Северна Македонија.