Актуелно

(ВИДЕО) Хаос: Полиција и навивачи се степаа на автопат во близина на Загреб

Синоќа навивачите на Хајдук се судрија со полицијата на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец, пренесуваат хрватските медиуми.

Според написите, за време на организираната парада околу 1.600 навивачи на Хајдук во автобуси, комбиња и автомобили од натпреварот во Загреб, застанале на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец и на тој начин ги блокирале сите ленти на автопатот во правец на Карловац.

Потоа, непочитувајќи ги предупредувањата и наредбите од полицијата, голем дел од нив, како што пишува во написите, со физичка сила и предмети погодни за нанесување повреди, нападнале полицајци од повеќе полициски одделенија кои ги придружувале, известила синоќа загрепската полиција.

Одбивајќи го нападот, полицијата возвратила со огнено оружје при што биле ранети двајца напаѓачи, а во нападот биле повредени десетина полицајци, пишуваат хрватските портали.

На социјалните мрежи се појави видео за кое се вели дека е направено синоќа за време на конфликтот. На него, како што пишуваат хрватските портали, се гледа како полицаец тепа навивач со палка додека тој влегува во автомобилот.

Во соопштението на полицијата се наведува дека во 21.35 часот околу 1.600 навивачи на ХНК Хајдук во автобуси, комбиња и лични автомобили од натпреварот во Загреб, самоиницијативно застанале на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец, со што ги блокирале сите ленти во правец на Карловац, а потоа, игнорирајќи ги нивните предупредувања и наредби, „неколку стотини од нив со физичка сила и предмети погодни за нанесување повреди нападнале полициски службеници од повеќе полициски одделенија кои ги следеле“, се вели во соопштението на полицијата.

„Полициските службеници употребија средства за присилба, вклучително и огнено оружје, за да го одбијат нападот врз неколку лица, по што надгледуваниот конвој повторно беше ставен под надзор. Во тек е идентификација и приведување на осомничени за кривични дела и прекршоци. Засега е утврдено дека две лица кои биле директно инволвирани во нападот врз полицајци се ранети, најверојатно од огнено оружје, а повредени се десетина полицајци. Сите повредени се надвор од животна опасност“, било наведено во соопштението.

„При контрола на настанот сообраќајот на таа делница од автопатот е затворен и пренасочен на алтернативни правци. Во тек е истрага и кривична истрага“, констатира полицијата.

N1 Загреб известува дека и утринава е затворен за сообраќај делот од автопатот Загреб-Сплит-Плоче каде се случил инцидентот.

На почеток