Фон дер Лајен: Русија ги користи залихите со храна како оружје


Русија ги користи залихите со храна како оружје кое има глобални последици и се однесува на ист начин како и во енергетскиот сектор, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Говорејќи на годишниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, таа рече дека „глобалната соработка е противтежа на руската уцена“.
„Во Украина окупирана од Русија, војската заплени залихи на жито и машини. А руските воени бродови во Црното Море ги блокираат украинските бродови полни со пченица и семки од сончоглед“, додаде Фон дер Лејен. ЕУ вети дека ќе отвори „канали на солидарност“ со Украина – алтернативни логистички патишта за да и помогне на земјата да извезува жито.
Министрите за земјоделство на ЕУ се состануваат во вторник во Брисел за да разговараат за ова прашање. Руската инвазија на Украина и обидот на Западот да ја казни Москва со изолација предизвикаа поскапување на житариците, маслото за јадење, ѓубривата и енергијата.
