„Мајмунските сипаници се како ‘прошетка во парк’, споредени со КОВИД-19“, вели епидемиологот Даниловски


Епидемиологот Драган Даниловски во интервју за Фактор вели дека не треба да бидеме загрижени за појава на нова пандемија поради ширењето на мајмунските сипаници. Тој вели дека ризикот за општата популација е низок, а најпаметно би било да си го „свртиме погледот настрана“ и да не обрнуваме премногу внимание на лавината најразлични, вознемирувачки информации.
„А зошто би биле загрижени? Дали затоа што еден одамна познат вирус што предизвикува зооноза „скокнал“ од земјите каде што е ендемичен (Централна и Западна Африка) меѓу нас „западњаците“? Треба ли да се „трескаме од земја“ за околу 160 заболени низ 12-13 земји? Треба ли да паничиме, кога епидемиолозите сѐ знаат за него!?
Знаат одамна дека е ДНК вирус, кој често не мутира (за разлика од РНК вирусите, каков што е САРС-КоВ-2).
Знаат дека леталитетот (смртноста кај заразените) кај овој западноафрикански, поблаг тип на вирусот (врз основа на податоци од Африка) е околу 1 на 100 (а не 1 на 10). Знаат дека многу од луѓето кои добиле мајмунска сипаница во сегашната епидемија немаат историја на неодамнешно патување во Африка или позната изложеност на заразено лице.
Знаат дека, во голема мера, идентификуваните случаи се кај млади мажи (20-50 години), кои имаат секс со мажи, што треба да наведе на претпоставка дека болеста се шири преку контакт кожа на кожа, можеби од изложеност на осип и лезии за време на сексуалната активност.
Знаат дека, ако смртноста во Африка е 1 на 100, тогаш во западните земји сигурно ќе биде многу пониска.
Знаат дека заразни се само оние што имаат симптоми и дека е лесно тие да се препознаат и изолираат.
Знаат дека преносливоста му е ниска – базичниот репродукциски број R0 е помал од 1 – и дека тоа значи невозможност за експоненцијален раст на бројките. Заради што, линеарно расте бројот на нови случаи.
Знаат дека сите што биле вакцинирани пред 1972 година против големите сипаници (variola vera, smallpox) се заштитени и од мајмунските сипаници (85%), зашто се сродници (подгрупа Orthopoxvirusi на фамилијата Poxviridae. Во оваа подгрупа спаѓаат и вирусите на вариола вера, вакцинија и кравјите сипаници).
Знаат дека 99% од заболените спонтано ќе оздрават за 2-4 недели, само со т.н. симптоматска и „супортивна“ терапија (терапија на поддршка).
Знаат дека постои вакцина и лек за ризичните пациенти и потешките случаи.
Знаат дека никогаш нема да има потреба од рестриктивни мерки и масовна вакцинација!
Не може да не знаат дека мајмунските сипаници се како „прошетка во парк“, споредени со КОВИД-19. Ако сето тоа се знае, чуму, тогаш, толкава оркестрирана врева од сите медиуми, но и светски здравствени агенции? Зарем не заслужува народов мирно лето? Не му беше ли доста од стеги и стравови? Како некому да му е душевна храна сеењето страв… а можеби и други мотиви се во прашање“, вели Даниловски.
Целото интервју можете да го прочитате тука
