Македонија

Делчевски ниви: Кои се лицата кои добија притвор, зошто се води истрага, за што се гонат

Кривичен суд им одреди притвор на двајцата управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Мирослав Митровски и Игор Гиевски, заедно со третоосомничениот помагач во случајот поврзан со купопродажба на парцели за фотонапонски централи во Делчево. Одлуките се донесени и за останатите четворица осомничени за кои се бараа мерки за обезбедување присуство. За сите се одредени мерките побарани од обвинителот, освен за едно лице кое наместо ефективен доби куќен притвор.

Кои се овие лица

Дел од медиумите уште претходно ги објавија имињата на осомничените во случајот „Делчевски ниви“ меѓу кои се двајца управители во ЕВН, телохранител на Христијан Мицковски и уште неколку негови сегашни и поранешни блиски личности:

Игор Гиевски, управител на ЕВН Електрани, Мирослав Митровски, управител на ЕВН Електрани, Дарко Тодоровски, поранешен советник во Советот на Општина Делчево, Дарко Ќурчиски, бизнисмен, Влатко ( дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски) и Марија Илиевски, негова сопруга, и Орце Тодоровски-Ефто.

Зошто се води истрага

Од она што досега е јавно познато, осомничените Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски и неговата сопруга Марија Илиевски, сите од Делчево, добиле на подарок ниви од други лица, кои ги стекнале во сопственост на 1 септември 2021 година.

ЕВН на 21 септември го купило земјиштето, а неколку дена подоцна парите легнале на сметките на брачниот пар Илиевски и кај советникот Тодоровски. Земјиштето со реална пазарна вредност од 10 до 30 денари за квадратен метар, ЕВН им го платила по десет евра за квадрат.

Сомневањата се дека со препродажбата трите физички лица и тројцата вработени во ЕВН, кои биле роднински и пријателски поврзани, испумпале пари од компанијата за потребите на ВМРО – ДПМНЕ за локалните избори, но на утврдувањето на патот на парите сè уште се работи.

Непотврдени сомневања

Откако аферата за прв пат доби јавност, владејачката СДСМ во неколку наврати обвинуваше дека со испумпаните пари од ЕВН Електрани, лицата учествувале во нелегално финансирање на политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. До овој момент, од Финансиската полиција такви наоди нема.

За кое кривично дело се гонат

Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица, од кои за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.

Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.

Дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште согласно Законот за урбанизација, дел од катастарските парцели не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.

Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи. Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите.

Правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари. Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.

На почеток