Лавров: Западот ја користи Украина за мобилизирање


Сергеј Лавров денеска изјави дека западните земји се обидуваат да ги мобилизираат сите други земји под нивно покровителство, користејќи ја ситуацијата во Украина како изговор.
За време на посетата на Саудиска Арабија, тој истакна дека сегашните процеси претставуваат пресвртница во светот, пренесува Спутник.
„Се формира мултиполарен свет, а нашите западни колеги, кои сакаат да ја задржат и прошират својата доминација, се обидуваат да ги спречат овие процеси“, рече рускиот дипломат за време на состанокот со генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка, Хусеин Ибрахим Тах.
Лавров посочи дека оваа ситуација ги одразува длабоко вкоренетите проблеми во Европа, пред се во врска со „одбивањето на земјите од НАТО да го исполнат ветувањето дадено на Советскиот Сојуз дека нема да се прошири на исток“.
Рускиот министер за надворешни работи го оцени како избалансиран и објективен став на Организацијата за исламска соработка, како и на Лигата на арапските држави и на Советот за соработка на арапските држави од Персискиот залив во однос на она што се случува.
„Се надевам дека во некоја фаза нашите западни партнери ќе ја разберат потребата да ги гледаат светските проблеми, да се договорат за начините за нивно решавање, не врз основа на диктат, туку врз основа на Повелбата на ОН, пред се на принципот на почитување на суверена еднаквост“, рече тој. Лавров додаде дека руската страна е подготвена за таков дијалог, но „само на рамноправна основа и взаемно почитување“.
Шефот на руската дипломатија во понеделникот ја започна работната посета на земјите од Персискиот залив, а најпрвин замина во Бахреин, а денеска пристигна во Ријад.
