Пукање во медицински центар во САД, има загинати
Напаѓач вооружен со пушка и пиштол убил четири лица во медицински центар во Тулса во американската сојузна држава Оклахома, а потоа, како што се претпоставува, извршил самоубиство, соопшти полицијата.
Заменик-шерифот потврдил дека во најновото масовно пукање во САД загинале четири лица, а мртов е и напаѓачот, најверојатно од рани што си ги нанел со огнено оружје, пренесуваат агенциите.
Капетанот Ричард Моленберг изјави дека полицијата добила дојава дека маж вооружен со пушка влегол на вториот кат во една од зградите на Клиничкиот центар Свети Франциск и дека имало пукање.
„Кога полицијата пристигна на местото на настанот, неколку луѓе беа застрелани, а двајца веќе загинаа во тој момент“, рече Моленберг.
Тој додаде дека полицијата пронашла и лице за кое веруваат дека е напаѓачот „бидејќи со себе имал пушка и пиштол“.
Се уште не е јасно под кои околности загинал напаѓачот.
Полицијата како одговор на ваквите инциденти се најде под лупа на јавноста откако вооружен напаѓач минатата недела уби 19 деца и двајца учители во училиште во Тексас, додека полицијата чекаше пред зградата речиси еден час.
Американското Министерство за правда минатата недела објави дека ќе го преиспита начинот на кој полицијата реагирала на пукањето во училиштето во градот Јувалде.
Властите признаа дека учениците и наставниците неколкупати повикале полиција бидејќи напаѓачот веќе упаднал во училиштето, а во исто време повеќе од 10 полицајци веќе биле во училишниот ходник.