Телата на убиените украински борци во „Азовстал“ вратени во Киев

Телата на десетици украински борци кои загинаа во фабриката за челик Азовстал беа вратени во Украина од руските војници, кои ја окупираа фабриката во уништениот град Мариупол, пренесува АП.
Телата, наводно, биле префрлени во главниот град Киев, каде што се врши ДНК анализа за да се утврдат идентитетите на убиените, изјави Азовскиот полк, една од единиците на Украина која ја држеше фабриката за челик речиси три месеци пред да се предаде во мај.
Украина во саботата ја објави првата официјално потврдена размена на загинати војници од почетокот на војната. Беше кажано дека двете страни размениле вкупно 320 тела, а размената се случила во четвртокот на линијата на фронтот во регионот Запорожје.
Ана Холовко, портпаролка на Азовскиот полк, изјави дека сите 160 украински тела што ги предале Русите се од урнатините на Азов. Таа рече дека најмалку 52 од тие тела се сметаат за останки на војниците на Азовскиот полк, а Максим Зорин, поранешен командант на полкот кој сега е на чело на воената единица со седиште во Киев, потврди дека телата од фабриката за челик се меѓу разменетите, пренесе АП.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека може да има повеќе од 2.500 затвореници од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, кои сега се притворени во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина. Зеленски рече и дека плановите на Русија во однос на третманот на овие затвореници постојано се менуваат.
Во исто време, руските сили продолжија да се борат за контрола на Северодонецк, град во источна Украина кој е клучен за целта на Москва да стави крај на окупацијата на индустрискиот регион Донбас. Зеленски изјави дека украинските сили ги држат своите позиции во градот, додека на улиците се водат жестоки битки и Русија се обидува да распореди повеќе сили во оваа област.
– Ова е 103. ден, а украинскиот Донбас стои. Останува цврсто – рече украинскиот претседател во ноќното обраќање до нацијата.
Зеленски рече дека руските сили имаат намера да го заземат југоисточниот град Запорожје, дом на повеќе од 700.000 луѓе, што може сериозно да ја ослабне позицијата на Украина и да и овозможи на руската армија да напредува поблиску до централниот дел на земјата.
