Македонија

Ако се покаже дека има манипулации од одредени трговци и не ги вратат цените, тогаш државата ќе интервенира, вели Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши говорејќи во емисијата 24 анализа, рече дека доколку се покаже дека има манипулации од одредени трговци и самите не ги вратат цените согласно некоја нормална маржа на добивка, тогаш, нагласи тој, државата ќе интервенира за тие да не бидат на грбот на граѓаните.

Тој вели дека официјално ги добил сите податоци од Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и утре ќе одржи координативен состанок.

– Ќе ги разгледаме сите податоци. Во четврток ќе имаме состаноци со Стопанските комори и секторски со трговците на големо и со трговци на мало, и со производители на основни прехранбени производи и кон крајот на неделата ќе одлучиме согласно сите податоци, изјави Бектеши.

Влијание, Бектеши рече, дека државата има само за домашните производи, за кои се следат и влезните цени на суровините и производствените цени, додека за увозните производи не може да се влијае, освен во делот на давачките, каде државата целосно се откажа од тие придонеси.

– Чекаме да се усвои ребалансот на Буџетот, каде се предвидени средства за креирање на нови мерки, се со цел да го ублажиме притисокот и да им излеземе во пресрет на граѓаните, посебно на тие категории, кои имаат најголема потреба, изјави Бектеши.

На почеток