Утре пресуда за Груевски и Божиновски, како и одлука дали палатата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја земе државата
Откако денеска одбраната и обвинетите дадоа свои завршни зборови за „Талир 2“ предмет кој се однесува за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, судијката закажа пресуда за утре (среда). Обвинетите останаа на тврдењата дека се невини. Првообвинетиот Никола Груевски е во бегство, а неговиот адвокат кажа дека тој нема вина. Второобвинетиот Кирил Божиновски во детали објаснуваше како функционира партијата и како е поставена хиерархијата со што негираше вина.
Затворски казни побара обвинителот Љубомир Лапе за обвинетите Никола Груевски кој беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски кој беше генерален секретар на партијата, а за предметот „Талир 2“ кој е за изградбата на седиштето на партијата. Лапе кажа дека двајцата партијата ја третирале како трговско друштво. Тој тврди дека докажал дека ДГ Бетон го изградиле објектот за да добиваат приходи од јавни набавки односно пари од државата, а на ВМРО-ДПМНЕ целта им била да ги избегнат законските ограничувања за финансирање на политичките партии, а не да изградат деловен објект. Лапе од судот побара конфискација на целиот имот и осудителни пресуди.
Конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ која ја бара Лапе значи во корист на државата да се заплени и целата опрема како што се теписоните од 20.000 евра, камини од 20.000 евра, лустерите од 20.000 евра, паркетот од 90.000 евра, плочките од 100.000 евра. Тука спаѓаат и послужавниците вредни 156.124 денари, шестте сета ножеви вредни 106.930 денари, вазната вредна 180 илјади евра, четирите чинии за супа за кои беше кажано дека вредат 57.996. Меѓу другото, ако биде прифатен предлогот за конфискација, ќе се одземе и опремата од фитнес салата која чинела 65 илјади евра.