Македонија

Се запленува имотот на ВМРО-ДПМНЕ: Кирил Божиновски доби условна казна, Груевски нови шест години затвор за изградбата на белата палата

Никола Груевски е осуден на шест години затвор за предметот „Талир 2“ кој се однесува на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Кирил Божиновски доби условна казна која нема да се активира ако во следните пет години не направи исто кривично дело. Казните ги изрече судијката Даниела Алексовска Стојановска, која во детали ја образложуваше одлуката. Пресудата доаѓа само на ден откако обвинетите и нивните адвокати дадоа завршни зборови. Судијката еден саат ја образложуваше одлуката која ја донесе во името на граѓаните на Македонија. Таа додаде дека противправно е обезбедено пратиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и имотот ширум Македонија. Ова значи дека обвинителот Љубомир Лапе, според судот, го докажал тврдењето за незаконско постапување на двајцата обвинети.

„Обвинетите го сториле кривичното дело за кое се гонат. За обвинетиот Кирил Божиновски чија одбрана можеше овој суд да ја чуе, за разлика од Никола Груевски, не беа спорни дејствијата кои ги превземал за изградбата на партиското седиште за што имал и писмено известување. За ова обвинето лице остана спорно што смета дека сите дејствија кои ги превзела смета дека се законити. Од изведените докази произлезе нешто друго, а тоа е дека само превидно се создава слика дека Божиновски постапувал по одлуки на колективните тела, бидејќи телата постапувале по барање на Груевски. Фактот дека обвинетите Груевски и Божиновски постапувале по лични и тесно партиски интереси, а Кирил постапувал по барањата на Никола, а дека одлуките на телата биле одлуки на Груевски и формално биле донесени се согледа и од исказите на бројните сведоци. Доказите укажуваат на тоа“, кажа судијката објаснувајќи ја пресудата.

Според судијката, биле сослушани 17 сведоци на Обвинителството, а по предлог на одбраната биле сослушани 23 сведоци. Сите тие придонеле судечкиот совет да донесе ваква пресуда. Таа кажа дека одбраната не успеале да ја докажат својата теорија со која обвинетите ги посочуваа како невини.

„Овој предмет имаше приоритет во постапувањето, овој судечки совет направи максимални напори овој предмет да добие судска разрешница. Беа закажани вкупно 56 рочишта. Поради промена на член на судечкиот совет главната расправа започна одново во февруари 2020 година. Од новото започнување на главната расправа беа закажани вкупно 49 рочишта, 27 беа одржани“, кажа судијката Алексовска Стојановска.

Таа додаде дека за да се спречи политичкото влијание, има строги законски ограничувања.

„Предвидено е дека политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои вршат јавни работи. Политичката партија немала законски можности за договори со ДГ Бетон, бидејќи се спротивни на Законот за финансирање на политичките партии. ДГ Бетон не го докажа финансискиот мотив за предметните договори“, кажа судијката.

Истрагата за овој предмет беше отворена во рокот од 18 месеци што го имаше СЈО, но обвинението е поднесено по истекување на рокот, поточно на 22 ноември 2018 година. Обвинението за изградбата на партиското седиште се однесува на начинот на којшто ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, а е поднесено против поранешниот претседател на партијата Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Затворски казни побара обвинителот Љубомир Лапе за обвинетите Никола Груевски кој беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски кој беше генерален секретар на партијата, а за предметот „Талир 2“ кој е за изградбата на седиштето на партијата. Лапе кажа дека двајцата партијата ја третирале како трговско друштво. Тој тврди дека докажал дека ДГ Бетон го изградиле објектот за да добиваат приходи од јавни набавки односно пари од државата, а на ВМРО-ДПМНЕ целта им била да ги избегнат законските ограничувања за финансирање на политичките партии, а не да изградат деловен објект. Лапе од судот побара конфискација на целиот имот и осудителни пресуди, што денеска беа досудени.

Експремиерот Никола Груевски кој пребегна во Унгарија со тврдење дека е политички прогонуван објаснуваше на социјалните мрежи што е предметот „Талир 2“, непосредно пред утрешната пресуда. Според него, тоа е: „План на власта во нејзините активности на политичкиот прогон да ме осудат мене и Кирил Божиновски за виновни и преку судовите да го заплени централниот штаб на главната опозициска партија во државата“.

Конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ која ја бара Лапе значи во корист на државата да се заплени и целата опрема како што се теписоните од 20.000 евра, камини од 20.000 евра, лустерите од 20.000 евра, паркетот од 90.000 евра, плочките од 100.000 евра. Тука спаѓаат и послужавниците вредни 156.124 денари, шестте сета ножеви вредни 106.930 денари, вазната вредна 180 илјади евра, четирите чинии за супа за кои беше кажано дека вредат 57.996. Меѓу другото, ако биде прифатен предлогот за конфискација, ќе се одземе и опремата од фитнес салата која чинела 65 илјади евра.

Груевски се правда за „Талир 2“ пред пресуда: Какво трговско друштво? Какви глупости се тоа?

На почеток