Продолжија преписките меѓу Карпош и ВМРО-ДПМНЕ: Нели Мицкоски ќе поништеше план за 28-катница, се попишмани или договори со мафијата?
Советниците на ВМРО ДПМНЕ по наредба на Христијан Мицкоски денес го спречија правото на граѓаните од Злокуќани да го видат урбанистичкиот план кој е изготвен на местото од сегашната бетонска база и поранешна Агромеханика, обвинува Општина Карпош. Овој став доаѓа откако градоначалникот Стевчо Јакимовски кажа дека излегува од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, па потоа, советниците обвинија дека тој е лут бидејќи не му изгласале бетонизација на Злокуќани.
„Највисок степен на демократија во една држава е граѓаните да видат што подготвуваат оние што тие ги бирале и за тоа да си го дадат своето мислење. Бетонската база која се наоѓа на патот за болница Бардовци повеќе од 30 години создава енормна бука при дробењето на каменот, а при секој посилен ветер прашината и песокот се врз нивните куќи и дворови, земјоделски продукти, облека, и така натаму. Сето ова граѓаните го трпат и го дишат со години и на секоја средба со општинското раководство тие граѓани бараат бетонската база да се дислоцира. Општина Карпош одговорно тврди дека не постои урбанистички план кој е повеќе од интерес за граѓаните и за заштита на животната средина од предлогот базата да се дислоцира и руглото кај поранешна Агромеханика да се урбанизира со тревници, спортски игралишта, детски лулашки и станбен простор за живеење. Изработката на овој урбанистички план по иницијатива на градоначалникот два пати до сега беше презентиран пред советниците во работна верзија и на истите е испочитувано нивното мислење“, стои во демантот на Општина Карпош.
Оттаму додаваат: Согласно Член 27, Став 4, од Законот за урбанистичко планирање од 2020 година изработениот нацрт на ДУП по претходно добиено стручно мислење од комисијата за урбанизам, градоначалникот на општината го доставува на утврдување до Советот на општина Карпош. По утврдувањето на нацрт ДУП-от градоначалникот организира јавна анкета која трае минимум 30 дена.
Ова јасно укажува дека Мицкоски директно спречи граѓаните на Злокуќани да го видат урбанистичкиот план и да си го кажат своето мислење за да во иднина бидат спасени од буката и загадувањето од бетонската база што се наоѓа непосредно до нивните живеалишта.
Кога сме кај урбаната мафија, јавно сакаме да го прашаме господинот Мицкоски, нели неговите советници ќе предложеа поништување на урбанистичкиот план за 28 катницата кај бензиската пумпа на Макпетрол во Карпош 3? Се прашуваме што се случи за овие неколку дена? Пишманлук или договор со урбаната мафија?“