Актуелно

Авионот без дозвола прелетал над четири земји, меѓу кои и Србија

Двомоторен авион „Бичкрафт“ со две лица вчера без дозвола прелетал над воздушниот простор на Унгарија, Романија, Србија и Бугарија, соопшти романското Министерство за одбрана.

– Авионот што летал низ воздушниот простор на Романија на рутата која ги опфаќа Орадеа, Карансебес и Дробета-Турну Северин не покажал знаци на непријателство или опасно однесување. Пилотот не реагирал на радио повиците и визуелните сигнали на воените авиони кои го придружувале леталото во согласност со меѓународните правила – се наведува во соопштението на романското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС.

Според достапните информации, авионот полетал од реонот на унгарскиот град Дебрецен околу 17.30 часот, без одобрение и план за лет и со исклучени транспондери.

Два унгарски воени авиони го придружуваа леталото во унгарскиот воздушен простор.

На авионот околу 19 часот му биле потребни околу две минути да прелета низ воздушниот простор на Србија и потоа да влезе во воздушниот простор на Бугарија.

– Бугарските власти работат на терен и ја испитуваат последната позната позиција на авионот за да го идентификуваат и да откријат дополнителни детали – се наведува во соопштението на романското Министерство за одбрана.

На почеток