Абазовиќ во интервју за Си-Ен-Ен: Имаме повеќе од 10 илјади украински бегалци во Црна Гора
„Слободата и демократските принципи немаат цена, не гледаме само на економската страна кога се во прашање санкциите против Русија“, изјави црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ во интервју за Си-Ен-Ен.
Тој рече дека Владата на секој начин се обидува да и помогне на Украина во војната со Русија, а решението е во дијалог меѓу двете страни.
– Ги поддржуваме сојузниците од НАТО и ЕУ и силно сме против руската агресија врз Украина – изјави црногорскиот премиер.
Тој исто така рече дека Владата направила многу за украинскиот народ.
– Имаме повеќе од 10 илјади украински бегалци во Црна Гора, што е два отсто од нашето население. Сите се чувствуваат добро, без проблем остануваат во нашата земја. Се надевам дека оваа ситуација нема да биде ваква уште долго и дека рационалните политики ќе имаат можност да ја прекинат оваа војна. Ова што се случува е вистинска штета за човечкиот род, што во 21 век имаме ваква агресија – изјави Абазовиќ, пренесува РТЦГ.
Тој потсети дека разговарал со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, а црногорската влада издвоила нов пакет помош за Украина.
Абазовиќ ги повика сите да помогнат, но посочи дека на крајот единствена можност е да се седне и да се најде решение преку дијалог.
Истакнувајќи дека црногорската економија е многу зависна од туристи од Украина, Русија и Белорусија, Абазовиќ рече дека актуелната криза силно ја погоди секоја земја.
– Ќе биде тешко на економски план. „Руските граѓани сочинуваат 20 отсто од вкупниот број туристи кои ја посетуваат Црна Гора, што нема да биде случај годинава поради воведувањето санкции“, рече Абазовиќ.
Тој рече дека Црна Гора сепак ќе остане доследна кога станува збор за санкциите против Русија.
– Слободата и демократските принципи немаат цена. Не гледаме само на економската страна, ние сме многу јасни кога се во прашање санкциите и сега отвораме нови пазари. Ќе се промовираме на нови дестинации во Европа, но и на Блискиот Исток и други делови од светот – изјави премиерот на Црна Гора.