Додик: „Ништо не е потпишано“


Српскиот член на Претседателството на БиХ и претседател на СНСД, Милорад Додик синоќа на Твитер објави дека во Брисел „ништо не е потпишано“.
Тој ова го напиша откако Европскиот совет објави дека мнозинството политички лидери од БиХ на средбата во Брисел го прифатиле политичкиот договор за принципите за обезбедување функционална БиХ и напредок на европскиот пат.
Ништо не е потпишано“, напиша Додик на Твитер, пренесува РТРС.
Средбата на лидерите на парламентарните партии во БиХ со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел почна вчера околу 15 часот, а заврши доцна синоќа.
Според РТРС, спорен бил делот од Политичкиот договор кој се однесува на односот на БиХ кон руско-украинскиот конфликт.
Додик претходно изјави дека нема да дозволи да се потпише каков било политички документ кој на кој било начин ги квалификува конфликтите во Украина и дека „само заклучоците на Народното собрание на Република Српска, кои велат дека остануваме неутрални, се обврзувачки за сите политичари од Српска“.
И претседателот на ДНС, Ненад Нешиќ, одбил да го потпише овој документ, бидејќи смета дека е во спротивност со ставовите на Народното собрание на Република Српска, соопштија претходно од таа партија, пренесува РТРС.
Претходно, Европскиот совет соопшти дека договорот го потпишале 12 учесници на состанокот од БиХ, „вклучувајќи ги и сите тројца членови на Претседателството“.
