Актуелно

Руски бродови превезуваат жито од Украина во Сирија

Бродовите што пловат под руско знаме ги превезуваат минатогодишните приноси од жито од Украина во Сирија, објави американската сателитска компанија „Максар“, која објави снимка од бродовите.

На снимката на „Максар“ се гледа товарање жито на два товарни брода под руско знаме, закотвени во пристаништето на Крим Севастопол, контролирано од Русија, се вели во соопштението на таа компанија, пренесува Ројтерс.

Неколку дена подоцна, сателитите на Максар собраа снимки од истите бродови закотвени во Сирија, а камионите беа подготвени за транспорт на жито, рече Максар.

Компанијата објави дека уште едно видео од јуни покажува како се товари жито на друг брод во Севастопол.

Украина ја обвини Русија дека краде жито од териториите окупирани од руските сили од почетокот на инвазијата кон крајот на февруари. Војната се заканува да предизвика голем недостиг на храна, имајќи предвид дека Русија и Украина извезуваат околу 29 отсто од глобалните резерви на пченица, пренесува Гласот на Америка.

Украина е меѓу најголемите светски извозници на жито, а западните земји ја обвинуваат Русија дека се заканува да предизвика глад низ светот со блокирање на украинските пристаништа на Црното Море.

На почеток