Свет

Напад во Алабама, убиени две лица

Две лица се убиени, а едно е повредено откако напаѓач пукал во мала група луѓе собрани во црква во близина на еден од најголемите градови во американската сојузна држава Албама, соопштија тамошните власти.

Нападот се случил вчера во црква во предградието Бирбингем, пренесе тамошната полиција, додавајќи дека полицајци веднаш пристигнале на местото на настанот откако добиле повик дека постои напад со оружје.

„Во пукотницата во која едно лице упаднало на мал групен собир во црква и почнало да пука, три лица се погодени, двајца се мртви, а едно лице е хоспитализирано“, се вели во полициското соопштение.

Оттаму информираат и дека напаѓачот е приведен.

Полицијата не го идентификувала осомничениот ниту, пак, жртвите, а не известила ниту за повеќе детали за нападот, пренесуваат американските медиуми.

Само од почетокот на месецов во САД се случија десетина оружени инциденти со жртви.

Пред четири дена имаше двајца загинати, а четворица ранети во вооружен напад во градот Гери, Индијана. На 9 јуни, пак, имаше масовно пукање во фабрика во Мериленд, а викендот пред 9 јуни во три одделни вооружени напади имаше девет мртви и 30 ранети.

Оружените инциденти во САД зачестија откако кон крајот на мај и почетокот на јуни во три американски града беа убиени вкупно 35 лица – десет во пукотница во продавница во Бафало, Њујорк, 21 лице во основно училиште во Увалде во Тексас и четворица во болница во Тулса, Оклахома.

На почеток