Свет

Абазовиќ за разговорот со Вучиќ: „Отворен Балкан и Берлинскиот процес се компатибилни“

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ рече дека имал два разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ за економската соработка и Отворениот Балкан, иницијатива што ја опиша како „дете на Берлинскиот процес“.

Зборувајќи за Основниот договор со Српската православна црква (СПЦ), Абазовиќ во емисијата „Аргументи“ на РТЦГ рече дека тоа е прашање меѓу државата и црквата и дека се надева дека „таа тема наскоро ќе биде затворена“.

– Ако има напредок, има. Се внесуваме во еден статус и ја затвораме темата. Се надевам дека оваа тема наскоро ќе биде затворена – рече тој и додаде дека се обидува да воспостави добри односи со сите земји од регионот.

Абазовиќ рече дека Отворен Балкан и Берлинскиот процес се компатибилни и подразбираат економска соработка и работа за да функционира заедничкиот пазар, условите за бизнис да бидат слични или идентични.

– Интересот на Црна Гора е клучен во два аспекта – политичка и економска стабилност – рече Абазовиќ.

Тој рече дека „можеме да избереме да бидеме затворена држава, но тоа нема да не одведе никаде“ и додаде дека „ако Црна Гора не може да биде компатибилна со земјите од регионот, што да очекува утре во Европската унија“.

– Повеќе граници, повеќе шверц. Помалку граници, помалку шверц. Потребен ни е единствен систем – рече Абазовиќ.

Регионалната соработка се однесува на конкретни примери и затоа „мора да имаме отворена комуникација со сите премиери и лидери на земјите од регионот“, рече и Абазовиќ.

– Побаравме ослободување на увозот од Србија, не се работи само за задоволување на нашите потреби, треба да имаме отворени канали и навистина во одреден момент ќе има недостиг. Мислам дека немањето струја е поголема закана од храната – изјавил Абазовиќ, пренесе подгорички Вијести.

На почеток