Јавно ќе ги објавиме имињата на компаниите кои имаат многу високи цени, ама прво да донесеме закон за тоа, вели Бектеши
По еноромното поскапување на цените од страна на трговците на почетокот на месецов, членови на Владата се заканија дека имињата на компаниите ќе бидат јавно објавувани поради неетичко работење и големи профитни маржи.
Сега министерот за економија Крешник Бектеши вели дека за тоа прво ќе треба да се донесе нов закон. Бектеши најави дека на следната владина седница ќе се усвои Предлог закон за заштита на потрошувачите со кој казните нема да бидат само парични а глобите ќе бидат повисоки. Додаде дека тоа е во согласност со европската регулатива.
– Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплатува да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги обравиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност, рече министерот во емисијата „Утрински брифинг“.