Свет

Грција има специјален пратеник и за Западен Балкан

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас ја именуваше грчката амбасадорка во Романија, Софија Грамата за специјален пратеник за Западен Балкан.

Дендиас одлуката ја донел по посетата на регионот, при што во последните недели ги посети Белград, Сараево, Подгорица, Приштина, Скопје и Тирана, се наведува на веб-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи.

Се вели дека Грција придава примарно значење на консолидирањето на мирот, безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Западен Балкан.

Се додава дека во таа смисла Атина промовира консолидација на билатералните односи врз основа на почитување на меѓународните прописи и истовремено активно ја поддржува перспективата на тој регион во ЕУ.

Софија Грамата паралелно со новата функција ќе ја извршува досегашната амбасадорска должност, се наведува на веб-страницата на грчкото Министерство.

Таа претходно ја извршуваше функцијата шеф на Дирекцијата за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи.

На почеток